Прашања



Адети или како отприлика тече една Македонска свадба


Генерално, свадбата се состои од четири големи делови: одење по невеста, венчавање во матично, венчавање во црква и голема веселба во ресторан/хотел
  
     По невеста... Пред официјалниот почеток на свадбата сватовите се собираат кај младоженецот и одат по невестата. Во некои краеви од Македонија, зетот прво со музика ги кани Кумот и старосватот и потоа заедно одат по невестата.
Кај невестата се оди со музика, а таа седи затворена во соба и чека семејството на младоженецот и нејзиното семејство да се „пазарат“. Откога нема да се договорат, другарите на младоженецот одат да ја „кршат“ вратата од собата на невестата. По влегувањето во собата деверот треба да става пари во кондурите на невестата затоа што „по грешка“ зетот ги купил поголеми. По тоа невестата ја напушта куќата на своите родители и по обичај се игра оро пред куќата на невестата.
     Галички обичај е невестата, при доаѓањето на зетот пред нејзината куќа е таа да го види низ златен прстен.

Во матично нема адети, таму мора се да оди по закон...сепак се работи за МВР. Сериозно, венчавката се одвива според протокол, во кој матичарот ги чита членовите од законот за граѓански брак на младоженците, тие ги прифаќаат, се потишуваат и со тоа завршува правниот дел од свадбата.
         Во црква... Она што е важно за чинот, е дека сите што учествуваат во светата тајна венчавањето - младоженците, кумот и старосватот мора да бидат крстени. Кумот и старосватот, имаат високо место во духовното сродство со младоженците.
Според каноните на МПЦ , не може да се венчава во деновите на велигденските пости и во денови на строги пости.
  Церемонијата на венчавање се состои во два обреда: прстеносување и крунисување. Прстеносувањето се врши пред олтарот каде свештеникот ги прашува младите дали доброволно го избираат својот животен сопатник. Потоа се доаѓа на средината на црквата каде се извршува крунисувањето. Со тоа се овековечува љубовта меѓу младоженците, со што се исполнува Божјата заповед-"раѓајте и множете се, и владејте со земјата". На чинот на венчавање, кумот и старосватот носат даренија (платно) со кои се врзуваат младоженците. Симболиката на ова е да се зајакне нивната врска со зборовите од светото еванглеие - "Она што ќе сврзете на земјата, да биде сврзано и на небото". и потоа им се дава погача со сол и црвено вино. Во текот на венчавањето се држат запалени свеќи донесени од кумот и старосватот.
На крајот од венчавката се вртат кругови околу црквата а свекрвата (мајката на младоженецот) фрла бомбони, пченица и пари по младенците како симболика да имаат благ, плоден и богат брак. По овој чин младенците добиваат сертификат од црквата дека се венчани во Македонската Православна Црква.
         Во Ресторан... Е тука веќе важи само едно правило ...опуштете се и уживајте во остатокот од Вашата свадба...веселете се со музиката која сте ја одбрале, внимавајте да не претерате со алкохолот, а се останато  ќе си дојде само по себе. Сликање со гостите, играње, сечење торта, фрлање бидермаер и крај...

СО СРЕЌА.



Потребни документи за склопување на граѓански брак (матична служба на МВР)


ШТО АКО СУМ МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН?
• КАКО: ТРЕБА ДА ГИ ПОДНЕСЕТЕ СЛЕДНИВЕ ДОКУМЕНТИ
1. Извод од матичната книга на родените, не постар од 6 месеци.
2. Потврда дека сте посетиле предбрачно советувалиште во Центарот за социјална работа ако првпат склучувате брак;
3. Важечка лична исправа за утврдување на вашиот идентитет;
4. Други исправи кога тоа е потребно (решение со кое е дозволено склучување брак, доказ дека претходниот брак престанал, полномошно и слично).

• КАДЕ: Кај матичар во матичното подрачје каде што сакате да склучите брак

ШТО АКО СУМ СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИН?
• КАКО: ТРЕБА ДА ГИ ПОДНЕСЕТЕ СЛЕДНИВЕ ДОКУМЕНТИ

1. Извод од матичната книга на родени изработен на интернационален образец;
2. Уверение дека сте во слободна брачна состојба;
3. Уверение или потврда издадена од надлежен орган на странската држава чиј државјанин сте, со која се докажува дека не постојат законски пречки да склучите брак на територијата на Република Македонија;
4. Патна исправа заради утврдување на идентитетот или лична карта за странец.

Сите овие документи не треба да бидат постари од шест месеци.
• КАДЕ: Кај матичар во матичното подрачје каде што сакате да склучите брак.

ИСКЛУЧОК:
АКО СТЕ ЛИЦЕ ПОД ПРИВРЕМЕНА ХУМАНИТАРНА ЗАШТИТА ИЛИ ЛИЦЕ СО ПРИЗНАЕН СТАТУС НА БЕГАЛЕЦ ВО РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ТОГАШ:
1. Идентификациските документи што Ви ги издало Министерството за внатрешни работи на Република Македонија ќе Ви послужат наместо патна исправа.
2. За сите горенаведени документи што не сте во состојба да ги обезбедите од Вашата земја на потекло, ќе може да дадете соодветни изјави во постапка што ќе ја одреди Министерството за внатрешни работи.

КАКО МОЖЕ ДА ГО ПРИЈАВАМ БРАКОТ СКЛУЧЕН ВО СТРАНСТВО АКО СУМ МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН?
Ќе го пријавите бракот за запишување во матичната книга на венчани во матичната служба во местото каде што имате живеалиште.
Притоа, треба да ги доставите следниве документи:
1. Извод од матичната книга на венчани на интернационален образец или оригинален странски извод од матична книга на венчани преведен од овластен судски преведувач;
2. Доказ за државјанството и за Вас и за Вашиот брачен другар.

* Сите податоци се превземени од сајтот на МВР